Интелектуалното слепило на лустраторот Даут

a1572753269_10

 

На Даут сакам да му поставам неколку прашања. Еве, веднаш тргнувам со нив. Не ми е јасно како:

  1. Не сфаќа дека Комисијата за лустрација е едноставно орган за партиски отстрел на политички противници?
  2. Ги нема слушнато прислушуваните разговори со нарачките за лустрирање?
  3. Не сфаќа дека беа лустрирани само лица кои и пречеа на власта, кои беа од или блиски на опозицијата и кои припаѓаа на критичката јавност?
  4. Не забележа дека ниедно лице блиско до власта не беше лустрирано, иако, на пример, во Владата на Кљусев имаше куп тешки кодоши?
  5. Не сфаќа дека лустрирањето за командна одговорност е незаконско?
  6. Не забележа дека врз принцип на командна одговорност беа лустрирани само министри за внатрешни работи од СДСМ, а не од ВМРО-ДПМНЕ?
  7. Не се свести дека тоа е статистички и емпириски невозможно? Дека по теоријата на веројатноста, само министри на СДСМ и само противници на режимот да се кодоши е веројатно колку и да му падне на глава метеорит од Марс само нему од 7 милијарди луѓе на планетава?
  8. Не му стана јасно после тоа дека во таа комисија се случуваат најобични карактерни атентати врз политички непожелни лица и ништо повеќе?
  9. Не му е јасна апсурдноста на лустрирањето на професор Фрчковски, на пример, за исти наредби кои ги дал и Јордан Мијалков, а Фрчковски само го продолжил нивното времетраење? И, на крај неговата комисија го лустрираше Фрчковски, а власта од друга страна почна да именува улици со името и презимето на Мијалков, иако давале исти наредби.
  10. Кога сме веќе кај лустрирање на починати лица, не ја сфаќа апсурдноста на таквата постапка?
  11. Не ја сфаќа апсурдноста на лустрирањето после 1990 година и тоа дури до 2010? Даут вели во 90 отсто поранешни комунистички земји имале лустрација, ама не кажува дека во 90 отсто од нив таа е одамна завршена и во ниедна од нив нема такво нешто како лустрација после 1990 година? За што се лустрирани луѓе во 2010, баш ме интересира?
  12. Не сфаќа дека не е проблем само како гласал, туку, пред се, самото членување во таков орган чија главна цел е политичка пресметка и идеолошки отстрел?
  13. Не сфаќа дека за цел живот ќе му остане дамка, и лична и професионална, дека засекогаш ќе остане познат како “лустраторот Даут”? И, дека, (Не дај Боже!), со оглед на зулумите на оваа власт, и досегашни и идни, како и со оглед на постоењето на нарачани лустрации од политички прилини (што е криминал), можно е некој иден парламент да креира комисија за испитување на работата на оваа комисија и осветлување на вистинските причини за извршените бројни карактерни атентати врз невини луѓе и работите тогаш навистина да се закомплицираат – и за него и за неговите колеги. Особено ако се докаже документирано дека наредбите кој да се лустрира доаѓале од еден единствен партиски центар, секогаш испорачувани од еден единствен партиски човек.

ВМРО-вската изборна финта 50 луѓе пријавени во ист стан се шири низ светот

Jacob_Riis,_Lodgers_in_a_Crowded_Bayard_Street_Tenement
Финтата со лажно пријавување на 40-50 странци во еден стан, која ВМРО-ДПМНЕ ја измисли, а потоа и примени на локалните избори со жители од Пустец за да гласаат во скопската општина Центар, почна да се интернационализира, односно да добива меѓународни димензии.
 
Истата малверзација ја има употребено македонскиот граѓанин Ѓорѓи Ангелов во градот Сочи во Руската Федерација. Тој, во стан од 26 метри квадратни пријавил дека престојуваат 36 лица од Таџикистан и Украина. Ваквото пријавување на адреса тој го наплатил, се разбира, а со тоа, пак, на Таџикистанците и Украинците можеле да најдат работа во олимпискиот град и туристичкиот центар Сочи.
 
Но, исто како што ВМРО-вската авантура со пустечани заврши неславно, така и авантурата на Ангелов заврши неславно. Руските власти го откриле и го казниле со 150.000 рубљи, односно 2.065 евра за прекршок „фиктивно регистрирање на мигранти или странски државјани во дневна соба“.
 
Ќути, добро и поминал. Можел да добие казна до три години затвор.
 

Немаш пари за реновации во затвор? Нема проблем! Земи од затворениците!

shutterstock_186447470-390x285

Затворениците во Идризово собирале по 50 евра од човек за реновирање на просториите во кои се одржуваат брачните посети.

Се собрале вкупно околу 3.000 евра за реновирање на овие простории кои биле комплетно запуштени и уништени.

Не постоела обврска сите затвореници кои ги користат ваквите простории да мора да дадат пари, но по реновирањето предност имаат оние што платиле, а оние кои тоа не го сториле одат на крај од листата на чекање.

После ова “позитивно” искуство нека земе власта оние 22 милиони евра неопходни за изградба на нов затвор нека ги побара исто од затворениците. Станува збор за околу 10.500 евра по затвореник. Оние што нема да платат нека останат во стариот затвор.

Јас мислам дека ова е одлична идеја. Таа е, се разбира, комплетно незаконска, исто како и собрањето пари од затвореници за реновирање затворски простории, ама барем ми текнува. Ист сум како “Миле, ми текна…!” Ако не и подобар.

Избор на петти член? Нема шанси!

Broken-TV-graffiti1

Не разбирам на која тоа финта се мислело дека договорно, и тоа со консензус, ќе биде избран 5-иот член на телото за мониторинг на медиуми?

Тие цело ново здружение направија со закани и притисоци, нов синдикат по принцип “од партија ми дадоа олку пристапници, треба да ги вратам потпишани”, само за да можат да парираат и со ништо да не попуштат, цел нов закон за делење пари по нивните медиуми смислија, кој удира колец во срцето на професијата (цените на рекламите во сите видови медиуми ќе ги одредува државата), го укинаа новинарството во нивните медиуми и тоа со закани, бркања, наметнати текстови и пропаганда и ја убија критичката мисла со милиони евра, со ставање новинари, потенцијални гости и теми на црна листа, со гаснење струја во студија и кога не можеа ни со сето ова ништо да не постигнат, затвораа медиуми, па ќе дозволеле договор врз основа на професионални и етички критериуми. Нема шанси.

 

За лојалноста – онаа купената и онаа стекната од страв

1452215021522

Најпрвин 10 обвинители ти свртија грб. Јасно и гласно. Нивната шефица дури и ти го оспори легитимитетот, потврдувајќи го она што од поодамна се зборува.

После неа беа казнети твоите пропагандисти. Директорот што ги казни се повика на софтверот и математиката. Тврдејќи дека е немоќен против нив.

После судија му одреди притвор на еден од твоите градоначалници. И тоа судија од внатрешноста. Далеку од твојата лична судечка тврдина наречена Основен суд Скопје 1.

Потоа Комисијата за хартии до вредност (КХВ) реши да си игра мајтап со оние што ги донесе и што им го вети „Макпетрол“ кога слета во Женева, откако ти се „расипа авионот“, некако случајно во близина на Сент Гален, резиденцијата на главниот преземач, љубител на руската ликовна модерна и колекционер на платна од таткото на апстрактното сликарство Казимир Маљевич. КХВ по некое чудо се охрабри и реши на Балкан Петролеум Холдинг Лимитед (БПХЛ) да му побара документ од компанијата мајка на БПХЛ во кој ќе пишувало дека и таа стоела зад одлуката за преземање на „Мапетрол“, иако газда на компанијата мајка е истиот човек кој е сопственик и на БПХЛ и иако за такво нешто нема ама баш никаква потреба според Законот за преземање на акционерски друштва.

Сега и Хорхе почна нешто да прета и да бара пари за војската, па Куртон Прес мора да се огласува и да го потсетува кој го направил претседател. Како благ прв чекор пред да почнат да го потсетуваат на одамна постоечките фиока закани кои отсекогаш служеле за негова пацификација и за чие остварување е потребен само телефонски повик.

Така тоа почнува. Најпрвин однадвор, од оние кои отворено се легитимираат како непријатели, а потоа однатре. Најпрвин еден по еден за на крај освен свртени грбови да не можеш веќе да видиш ништо друго освен поплава од грбови. Исто како поплавата во Стајковци. И исто како во приказната која говори за растојанието кое најчесто го поминува еден обичен предмет каков што е каменот…

Ниски плати, куп невработени и ловци на евтина работна сила – сосема обична појава

Untitledsdfsdfs-fdgdgdfgd
Во држава која има едно од највисоките нивоа на невработеност во Европа, лани странските инвеститори отвориле неколку фабрики и вработиле 5.800 луѓе. Од над 240.000 невработени.
 
И, со тоа, таа држава лани се пласирала на прво место во светот по број на нововработени лица од страна на странски инвеститори на 1 милион жители и тоа во конкуренција земјите од светот во кои живеат над 1 милион жители. Оние со број на жители под оваа граница не се вклучени.
Untitled
Не разбирам што е ова толку многу за фалење и кревање врева. Ова само значи дека оваа земја е поволна заради тоа што има ниски плати (втори најниски во Европа – графикон долу) заради високата небвработеност и ниски цени (најниски во Европа – исто графикон долу) како последица на ниската куповна моќ на населението.
13221658_10208172594106917_5238057184566765221_n
 
Не е некое големо достигнување да бидеш на 1 место по бројот на нови вработувања во ситуација кога имаш едно од највисоките нива на невработеност и најниски плати на цел еден континент.
 
Особено не е некое големо достигнување во ситуација кога со ова станува јасно дека странците доаѓаат во твојата земја заради ниските цени на трудот и купиштата невработени кои немаат многу избор и… и ништо повеќе. Конечно, погледнете ги земјите од графиконот во кои, исто така, има голем број на вработувања од странски инвеститори – се се локации со евтина или релативно евтина работна сила (има и земји на кои им е потребна странска работна сила зашто немаа своја – како оние од Блискиот Исток кои имаат нафта и со тоа можат да си дозволат да плаќаат странци), како и земји со релативно ниски трошоци за живот.
Ова особено важи за европските земји – сите вклучени се од европската периферија – значи со ниски плати и ниски цени, при што земјите од Балканот се нјависоко пласирани – заради најниските плати и најниските цени.
Untitled
Инаку, ова високо ниво на нови вработувања од страна на странски газди лани не значи и дека имаме највисоки странски инвестиции во регионот. Кога станува збор за нивото на странски инвестиции по жител, целиот Балкан во изминативе 6 години е пред нас, освен Босна (и Косово, кое уште не се ни вклучува во компаративните табели и податоци на оваа тема).
Тоа што годинава имаме повеќе вработувања од странските газди на не така висок износ на странски инвестиции значи само дека отворањето на работни места во земјава е евтино зашто тие се отвораат во индустрии кои изискуваат висок број на работници со ниски квалификации. Што, исто така, не е пофално. Особено ако се знае дека станува збор главно за работни места во автомобилската индустрија која најбрзо се роботизира и кои најлесно можат да бидат укинати и заменети со технологија.
Се што треба да се случи, тоа е цената на технологијата да падне под цената на трудот и тие работни места може брзо да ги снема. А, поевтинувањето на технологијата е неизбежно исто онолку колку што е неизбежно сонцето да изгрее наутро.

Ај Мирка, ама сите други

images

Мирка денеска ни ги кажа плановите на ЦИА за Македонија и тоа во следните 5 години. Ова пошто ЦИА прави петолетки, исто како СССР пред 60 години и пошто ЦИА е самостојна држава и сама одлучува што ќе прави со секоја држава и никого не прашува.

И, се разбира, ЦИА сака да не сотре, како што и може да се очекува според Мирка. Ова пошто одделот на ЦИА сосе УСАИД и новата Баба Рога на теоретичарите на заговор – ОТИ, за регионов имале 22 милијарди долари на располагање. Ако што буџетот на УСАИД за Македонија за годинава е само 12,9 милиони долари. И тоа оваа сума е објавена во “Дневник”. И еве, 12,9 милиони станаа 22 милијарди долари. 1.705 пати повеќе. Туку така.

Ај Мирка што пишува налудничави текстови, ама како нема во “Дневник” некој да стане и да каже дека ова сево е блесаво, тоа не ми е јасно. Ај “Дневник”, ама во тоа менаџментот на МПМ како може да нема некој нормален да посочи дека оваа жена ги срами пред цел свет. Или, пак, во власта, барем некој нормален да каже дека не бива оваа жена да не поддржува. Дај да се оградиме, да се дистанцираме од неа.

Ама, не! Сѐ ќе се жртвува ако треба, па дури и евео-атлантската иднина на татковината, која ја поддржуваат 3/4 од граѓаните и покрај постојаната анти НАТО/ЕУ пропаганда само да се остане на власт и да не се отиде во затвор.

Било тајна! Како не!

top_secret
Да не сакате да дознаете кому се Америка му продава оружје, како на пример, оваа зделка од 153 тенкови за Саудиска Арабија и уште куп друга опрема, вредна 1,15 милијарди евра? Или кого се Америка финансира кога станува збор за продажба на оружје или кому се Америка му дава оружје на поклон од своите вишоци? Нема проблем, еве, овде се пишува
 
Да не сакате можеби да дознаете какви се оружја Америка купува и од кого? Како, на пример, делови за АВАКС авиони, системи за контрола на пукањето кај артилериски оружја и слично? Нема проблем, еве.
 
Или овде. На оваа страна има дури 148 тендери од областа на одбраната САМО ВО ЕДЕН ДЕН. 
 
Или овде, каде што Америка си нарачува експлозиви, бомби, проектили, оружја од сите видови, итн, итн.
 
Оваа најава од пред 2 недели за набавка на 499 Бредли М2А2 оклопни борбени возила, не пример, не е тајна. 
 
Од друга страна, тендерите за набавка на воена опрема на нашево Министерство за одбрана, за која биле одвоени 250 милиони евра во период од 10 години, при што еве сега имало тендер за 23 околпни транспортери, е тој тендер бил тајна, како што јавува „Фокус“ во најновиот број.
 
Глупости. Освен опремата за специјалните единици, нуклеарните оружја (какви што ние немаме), новите оружја кои се во фаза на развој (какви што ние немаме) и одредени специјализирани оружја кои исто содржат степен на тајност (најчесто зашто се нови), ништо друго не би требало да се набавува со таен тендер. Ниту, пак, може да остане тајна. Особено што специјализираните публикации како Janes Defence Weekly и слични, објавуваат вести за сите позначајни зделки од областа на одбраната.
Како оваа зделка со која Хрвтска купува 16 Bell Kiowa хеликоптери.
Тајни тендери. Смешки…

Груевски и прометот во индустријата!

Untitled-dfsdfsd

Груевски вели дека растел прометот во индустријата и дека заради тоа економијата засега се држела добро.

Како не! Се држи, се држи, еве уште малце ќе полета.

  1. Како прво, не расте “прометот во индустријата”, туку расте прометот во зоните. Таму е сконцентриран растот зашто таму расте извозот.

2. Потоа, прометот во индустријата расте зашто се градат патиштата и гасоводот. Не е дека тој раст доаѓа од реалната домашна индустрија.

3. Како нема да расте прометот во индустријата кога којзнае колку пари од оние 270 милиони евра што ги позајмивте само пред 8 месеци ги дадовте таму (за патиштата и гасоводот, на пример). Така и баба ми знае да го порасне прометот во индустријата со туѓи пари.

4. Тоа што расте прометот во индустријата, не значи дека “економијата се држи добро”. Индустријата е помал дел од економијата. Во останатиот дел од економијата може се да се случува.

Колку многу е важен „Макпетрол“ за сите нас!

kolaz-DSC00018-002

Над 6,64% отсто од буџетските приходи на Република Македонија ги плаќа „Макпетрол“.

174 милиони евра од вкупно 2,62 милијарди евра (2015 година).

Главно преку плаќање на акцизи и ДДВ на нафтените деривати.

Значи,  1 од секои 15 денари што државата во текот на една година им ги исптлатува на буџетските корисници за плати или на добавувачите за стоки и услуги и во земјава и во странство, се платени од пари кои „Макептрол“ претходно ги внел во државниот буџет.

Ова покажува најдобро од каква стратешка и суштинска важност е компанијата за добробитта и благосостојбата на целата држава. И колку е важно овие пари непрекинато да продолжат да се слеваат во националниот буџет.

И покрај ова, власта е подготвена да го ризикува секој 15-ти денар во буџетот и евентуално да дозволи откуп на компанијата на странска оф шор фирма за која не се знае скоро ништо, а особено кој стои зад неа.

Ова е исто како да земете една 15-инка од сите ваши годишни приходи по сите основи, да отидете во казино и тие пари да ги ставите на еден број од едно вртење на рулетот.

Оние кои се подготвени на ваков начин да играат комар со судбината на Македонија не се никакви патриоти и не им е гајле за државата. Но, тие не зависат од буџетот на својата земја. Тие имаат и премногу пари за да им е гајле дали за таму некои други луѓе, кои ниту ги познаваат, ниту некогаш ги виделе, ќе има доволно пари за пензии или за социјална помош (освен ако не наближуваат избори, се разбира).

Тоа е исто како комарџијата кој става 6,64% отсто од своите годишни приходи на едно вртење на рулетот. Такво нешто по правило прави човек, кој тие пари не ги заработува со труд, пот или ум, туку со корупција, кражба, или, пак, во најдобар случај, по пат на наследство. Затоа, ни тој, ни оние што и дозволуваат на непозната оф шор фирма да влезе на голема врата во националната економија, немаат однос кон она што го поседуваат или, пак, во конкретниов случај, довербата која им е доверена од страна на граѓаните.

Затоа таквите луѓе се викаат „расипикуќа“. Или, пак, во случајот со „Макпетрол“, „расипидржава“.