Не сум знаел: Судот да ти бил безгрешен – исто како Господ!

my court is you court is my court

Судијата Иван Џолев смета дека судовите се над законот и дека тие не можат да бидат генератор на дискриминација („Судот утврдува дискриминација кон некого, а не генерира“). Небаре судовите се безгрешни (како Господ). И дека Комисијата за заштита од дискриминација нема надлежност врз судот, дури и ако тој дискриминира.

Тоа да ти било „мешање во судската власт“, па дури и додава дека Собранието не можело „да утврдува дискриминација од судија“. Ма немој. Тоа што Комисијата ќе одлучува и донесе одлука (каква и да е) нема врска со судењата, судските одлуки, итн., туку таа се однесува само на тоа дали имало или немало дискриминација. И оној кој евентуално ја извршил, ако така се утврди, ќе си ги сноси последиците според казнените одредби на Законот за заштита од дискриминација. А, после, судот нека суди и донесува одлуки во судските процеси како што мисли дека треба.

Џолев вели дека во ваков случај требало да се напише претставка до Судот по која Судот сам ќе си одлучел. Абе чекај малце! Како да се напишела претставка, па нели судот не генерира дискриминација? Ако велиш дека треба да се напише претставка, тоа значи дека Судот, сепак, може да генерира дискриминација. Настрана што ова е глупост. Како прво, ова личи како варијација на изреката „Кадија те тужи, кадија те суди“ изменета во „Кадија си се брани, кадија си се суди.“ А, како второ, Судот не може да одлучува за нешто за што има посебен орган со закон создаден токму за таа намена, за такви конкретни жалби и одлуки. Џолев треба да го прочита Законот и тоа особено, глава 4, член 16, каде што јасно се вели дека „овој закон се применува на постапувањето на сите државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, органите со јавни овластувања и постапувањето на сите правни и физички лица во областа на:“ и точка 4 вели „правосудството и управата.

Судијата Иван Џолев може да мисли што сака, арно ама ни Судот, како и никој друг, не е над законите. А, не е дека во судството нема тренд на самоприпишување на божествени и безгрешни карактеристики. Така, на пример судиите им припишуваат божествени карактеристики на безгрешност на своите колеги обвинители. Во периодот од 2012 до 2016 година, сите обвинителски барања за притвор (над 2.000) се одобрени, при што само 3 се преиначени во домашен притвор (што е повторно – притвор). Значи, повторно, како обвинителите да се безгрешни. Мислам дека со оваа политика на самонаметната безгрешност треба да се престане. И тоа веднаш!

Напомена: Ова е принципиелно мислење. Инаку, конкретниов, актуелен случај е сосема друга работа. Станува збор за состав и претседател на Комисијата, Александар Даштевски (кого многу добро го знаеме), кои имаат донесено одлука во корист на нивната партиска пријателка, Гордана Јанкуловска, која беше министер и висок партиски функционер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, ја именуваше целата комисија. И јасно е дека ова е услуга од типот „танте за кукурику“ да и се помогне на Јанкуловска во текот на нејзиниот судски процес на секој можен начин. И најверојатно во конкретниов случај и нема никаква дискрмининација, туку станува збор за исполитизирана одлука во манир на поранешниот режим на Никола Груевски, чии рецидиви, кои се уште имаат некаква моќ, ја практикуваат на коруптивен начин, онака како што многу добро знаат и како што се извежбани цели 11 години. И како што тоа го правеше оваа Комисија, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, со редица контроверзни и неаргументирани одлуки. Арно ама, тоа не значи дека Судот може себеси да си се постави над законите во сите случаи, за него да не важат демократските контролни механизми, тој да не биде еднаков пред законите и да си припишува себеси божествени карактеристики на безгрешност.

Tagged ,

Прислушуваните разговори не се докази – биле незаконски прибавени. А, незаконски прибавена дрога е доказ?

Special_Collection_Service_einstein-sdfsfs

Чекај сега. Се збунив. Ај, малку помош.

Значи, прислушуваните разговори се прибавени на незаконит начин и како такви не можат да бидат употребени како докази во судска постапка.

Зошто? Па зашто тој што му ги дал на Заев, кој ги предаде на СЈО, ги „прибавил“ (добил или произвел) на незаконит начин. Јас не сум чул дека Заев од било кого е обвинет како организатор на снимањето на тие разговори или дека тој лично ги снимал. Значи, мора некој да му ги дал.

Последично на тоа, ова значи дека било која дрога, која полицијата ќе ја заплени од било кого и ќе ја предаде на Јавното обвинителство, исто така, не може да биде употребена од како доказ во судска постапка зашто е прибавена на незаконит начин.

Зошто? Па, зашто оној од кого полицијата ја запленила таа дрога ја „прибавил“ (добил или произвел) на незаконит начин.

Исто како во случајот со прислушуваните разговори. Така?

Или, еве, за сличноста со прислушуваните разговори да биде уште поголема, ако некој најде дрога, украде дрога, добие дрога (како што Заев ги доби прислушуваните разговори) или купи дрога и таа дрога ја однесе и предаде на Јавното обвинителство на РМ, таа дрога не може да биде употребена како доказ во судска постапка.

Зошто? Па, зашто оној кој ја нашол/добил/украл/купил ја „прибавил“ на незаконит начин. Така?

ЈОРМ нема никакви информации за случајот на Сеад Кочан, а поднесува барања во Врховниот суд

osskopje2-dsfsdsfsdf

ПРАВДА: Во овој суд Ќосето како да не е само пред судот, туку и внатре во него

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до Врховниот суд поднесе барање со кое побара да не се земе предвид барањето на Републичкото јавно обвинителство (ЈОРМ) за вонреден правен лек Барање на заштита на законитоста со цел соборување на одлуките на Основниот и Апелациониот суд за 30-дневниот притвор на Сеад Кочан, зашто овој случај го води СЈО и надлежно е само СЈО, а не ЈОРМ.
Арно ама, Јово Вангеловски, претседателот на Врховниот суд, во писмо до судиите само еден ден пред седницата на која ќе се одлучува за ова барање, смета дека доколку законодавецот планирал да им го овозможи тој правен лек на обвинителите од СЈО, ќе го предвидел во Законот за СЈО. Според него, „Републичкото јавно обвинителство (РЈО) е државен орган и според ЗКП, единствено тој е надлежен да поднесува вакви барања до Врховниот суд“.
Аха, ама чекај малку. ЈОРМ појма нема за што станува збор во овој случај. ЈОРМ ги нема документите и доказите за овој случај и не може да прави ништо зашто не знае ништо. За овој случај ЈОРМ знае колку што знам и јас. И заради тоа ЈОРМ може да поднесува вакви барања колку што можам и јас зашто и тие и јас имаме исто познавање и информации за овој случај – не знаеме ништо. Особено што ни ЈОРМ, ниту јас не ги поседуваме прислушуваните разговори и не знаеме што има во нив и дали барање за притвор за ова лице е потребно или не, дали зкаоните се прекршени во пониските судски инстанци или не.
Потоа, не разбирам како може воопшто да се земе сериозно ваквото барање на ЈОРМ кога лицето за кое е одреден и потврден притворот е веќе цел месец во бегство и се бара со меѓународна потерница, односно се потврди одлуката на Основниот и потврдата на Апелациониот суд дека за ова лице има опасност да избега и да не се појави на суд, што и се случи. Така што, за што разговараме овде?

Свесна ли е ДУИ дека коалиција со СДСМ им е единствен избор?

ali-ahmeti-hashim-thaqi-foto-xhemail-sllovinja-10-960
Најконкретно би сакал да прашам дали ДУИ е свесна дека освен коалиција со СДСМ, ДУИ едноставно нема ниедна друга рационална и разумна опција која им стои на располагање.
ДУИ не може да основа влада со ВМРО-ДПМНЕ. Да можеше веќе ќе ја направеше.
Трета партија со која ДУИ би можела да основа Влада, покрај СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, нема.
Потоа, ДУИ не може ни да остане во опозиција (без оглед на тоа што лидерот Али Ахмети и ова го кажува како опција) зашто без ДУИ не може да се основа Влада. За да бидеш опозиција, мора да има влада на која ќе и бидеш опозиција. Ако нема Влада, нема ни опозиција.
Тоа значи дека ќе треба да има нови избори. А, тоа, пак, е крајно проблематично зашто и Беса и Алијансата на Албанците рекоа дека таквите нови избори би ги бојкотирале. Прашање е дали и СДСМ би учествувал на нив ако ВМРО-ДПМНЕ има намера да прави репризи на изборите од 2014 година, односно нова изборна кланица, заради што СЈО има отворено истрага или истраги со купишта докази.
Исто така, би сакал да прашам, свесна ли е ДУИ за својата одговорност? Сето ова значи продлабочување на кризата за што најголемиот виновник во очите на јавноста и, пред се, кај албанските гласачи, ќе биде токму ДУИ. Да не говорам за фактот што партијата ќе го изгуби целиот кредибилитет кај меѓународната јавност, кој и онака е разнишан со одбивањето партијата да гласа за продолжувањето на временскиот период во кој на Специјалното јавно обвинителство би му било овозможено да поднесува нови обвинителни акти.
Така што, единствен излез е коалиција СДСМ/ДУИ. Свесни ли се дамите и господата од ДУИ за сето ова? И колку време ќе треба да помине пред да проработи политичката прагма кај водечката партија на Албанците и конечно да се основа нова Влада? И на крај, постои ли свест кај ДУИ дека секое одложување на ваквиот неизбежен чекор со себе носи ризици, какви што се засилување на нестабилноста, можеби насилство и којзнае уште што?

Во некои гласачки места, од најразни причини, мора да има прегласување

 

054

Ваков каков што е Изборниот законик сега, речиси неворојатно е, односно веројатноста е многу мала, да нема прегласување на ниедно гласачко место. Едноставно, многу се мали шансите од 3.540 гласачки места на сите сè да биде во ред и по закон дури и да нема обид за намерно, свесно и организирано лажирање на гласањето. Технички, ненамерни грешки, грешки од небрежност и невнимание на барем неколку гласачки места мора да има, заради што, по закон, мора да има прегласување.

Ова што го пишувам не е од памет, туку од досегашната гласачка пракса. Имено, на сите досегашни избори имало прегласувања. Некогаш повеќе, некогаш помалку. Во 2013 година на локалните избори, на пример, по барање на ВМРО-ДПМНЕ во скопски Центар се прегласуваше на речиси половината гласачки места.

Ако, пак, се случи да нема прегласување никаде и тоа од било кои причини, тоа е сомнително и силен индикатор дека нешто не е во ред со изборите, а таквите индиции уште повеќе се засилуваат ако се земе предвид широко прифатениот став од страна на нашите пријатели во ЕУ и САД дека кога Македонија е во прашање, станува збор за заробена држава.

Ова е важно зашто праксата на ОБСЕ/ОДИХР јасно покажува дека изборите со најмногу нерегуларности без исклучок се случуваат токму во вакви држави, односно држави во кои демократијата постои само на хартија.

Оваа одлука на Државната изборна комисија, да има прегласување на само едно единствено гласачко место од 3.540 е крајно сомнителна и речиси е неверојатно да одговара на фактичките состојби на теренот. Тоа, ако ништо друго, го покажува досегашната изборна пракса.

Ајде, на крај, да ја употребиме малку и логиката. Замислете дека имате 3450 зарови (тоа се гласачките места). И замислете дека секој еден од тие 3.450 зарови по еден зар им давате на 350 луѓе во просек ( толку луѓе излегле на гласање на секое гласачко место во просек). И сега замислете ситуација во која ниеден од 1,2 милиони луѓе вкупно, кои ги фрлаат тие зарови секој по еднаш, ниеден, ама баш ниеден да не го фрли зарот на тој начин тој да не се истркала од масата за потоа лицето што го фрлило зарот надвор од масата да не мора да го фрли уште еднаш (да има прегласување). Во такво нешто е многу тешко да се поверува. Барем неколку луѓе, ако не и повеќе, ќе го фрлат зарот на таков начин тој да се истркала од масата и флрањето да мора да се повтори.

 

Идентитетскиот пуч врз македонскиот народ

000-more_powerful_after_the_coup-final

Вака да ви кажам кога сме веќе кај пучевите. Ако некој извршил пуч во Македонија во изминатиов период, тука може да стане збор само за еден единствен пуч – оној јаничарски пуч кој власта го изврши врз националниот идентиет на сопствениот народ со антиквизацијата.
Излези на улица во денешно време во било кој македонски град и прашај 5 случајни Македонци како ја сфаќаат сопствената историја и ќе добиеш 5 различни и спротивставени одговори. Од тоа дека сме потомци на Словените, па на Александар Македонски, дека сме станале посебен народ на почетокот на минатиот век кога се развила современата национална свест, до тоа дека македонската цивилизација е стара 100.000 години, а нејзините почетоци датираат уште пред 400.000 години (значи уште пред да настанат луѓето и во времето кога планетата била населена со неандарталци), дека Александар зборувал македонски јазик кој бил ист како и денешниот, дека Александар бил Словен, дека сме најстара нација во Европа од која настанале сите други, дека до 19-иот век сме биле Бугари и после сме се одвоиле и што уште нема да слушнете. Ова го нема никаде. Нема европски народ денеска кој позбунет за својата историја и потекло од македонскиот.

 

И за сето ова замаглување на македонскиот национален идентитет преку мултиплицирани историски ревизионизми виновна е власта со нејзината антиквизација. Во историјата познат е случајот на асимилација на поробувачите врз поробените. Некои обиди за асимилација биле успешни, некои не, во зависност од историските околности. Но, секогаш, ама баш секогаш, таквата асимилација, како на пример онаа што Отоманците им ја вршеле на јаничарите, била насочена кон припадници на други народи. Не кон сопствениот. Никој не бил толку многу „отиден“ со умот да врши јаничарски пуч врз националниот идентитет на сопствениот народ.

 

Освен оваа власт која ова му го направи токму на сопствениот народ. И тоа типично пучистички. Замислете, го избербатија националниот идентитет и тоа без никаква дискусија во Парламентот. Ни за антиквизацијата, ни за Скопје 2014. За овие две точки, кои покажуваат кои сме и од каде доаѓаме, а последично на тоа и каде одиме, немаше речиси никаков муабет во единственото повикано место за такви дискусии – Собранието на РМ. За апсурдот да биде уште поголем, за овие две точки не се изјаснува ни програмата на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак, за нив се зборува од страна на партиската врхушка. Типично илегално менување на националниот идентиет на еден народ, исто онака како што тоа низ историјата им го правеле поробувачите на поробените. Без да ги консултираат.
Ако на ова, пак, се додаде и криминалот и корупцијата, испаѓа дека власта навистина се однесува како душман. Прогонувачите историски никогаш не се грижеле за зулумите што ќе им ги направат на поробените туѓинци зашто знаеле дека не ги очекува никаква казна за тоа. Арно ама, ем да му го смениш идентиетот на сопствениот народ, ем да му бидеш душман во секојдневната живеачка преку неконтролирана корупција, е тоа го нема никаде.

 

Зошто ТВ Нова ја кани Левица на сите дебати

untitled-dasdasdasdasdasa
Просто сум зачуден како е можно еден интелигентен и образуван човек како г-дин* Димитар Апасиев да не сфаќа зошто ТВ Нова кани претставници на Левица 10 пати, односно на сите предизборни дебати!
Целта на ТВ Нова е јасна. Идејата е да се промовира Левица што е можно повеќе зашто се мисли дека така, со нивно промовирање и со давање на поголема видливост на оваа партија, таа може да им одземе гласови, со тоа и пратеници, на СДСМ, а од друга страна тоа да не се одрази врз ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на фактот што има малку шанси оној кој се мисли дали да гласа за Левица или СДСМ, некако да се одлучи да гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа, власта смета дека Левица и онака не може да ги наруши плановите на ВМРО-ДПМНЕ, зашто за владејачката партија, сепак, станува збор за мала партија.

1. Са запрашал ли г-дин Апасиев зошто баш Левица и зошто само Левица е канета на сите 10 дебати на ТВ Нова, а тоа не е случај со другите вонпарламентарни партии? Зошто, на пример, тоа не е случај и со коалицијата ВМРО-НП/ОМ/Достоинство? Не ли му е овој факт сомнителен на г-дин Апасиев и нели тој се запрашува зошто е тоа така? Или, пак, да му пријдеме на ова прашање од другата страна, односно од страната на телевизиите. Зошто и останатите телевизии не ја канат Левица на толку многу предизборни дебати? Големите про-владини телевизии со висока гледаност не ни имаат дебати, ама зошто тоа не го прават другите телевизии? Како тоа само ТВ Нова се одлучи на ваков чекор?

2. Или, пак, да му пријдеме на ова прашање од третата страна, онаа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Зошто и од каде тоа одеднаш ВМРО-ДПМНЕ се согласи да пушти свој претставник да дебатира со претставник на Левица, кога учеството на ТВ дебати на претставници на владејачката партија е строго ограничено и крајно минимално (ВМРО-ДПМНЕ се откажа од учество на сите дебати на Телма, на пример), а ова е прв случај претставник на владејачката партија да дебатира со претставник на вонпарламентарна партија. И тоа баш со Левица. И тоа насамо, без присуство на било кој друг претставник од било која друга партија. Зошто? Зошто баш со Левица и само со Левица, освен ако власта не смета дека со тоа ќе оствари бенефит, нанесувајќи му штета на СДСМ и претставувајќи ја Левица. Не ли и пречи на Левица тоа што власта ја користи како монета за поткусурување во битката со СДСМ?

3. Потоа, ја знае ли г-дин Апасиев генезата на настанокот на ТВ Нова? Не ли прочитал за злоупотребите кај тендерите за чистење на одводните канали, вредни со милиони евра, кои наместо за таа намена завршија за отворањето на оваа телевизија? Видовме што се случи во август во скопските села, на пример, кога одводните канали се преполни со ѓубре и каде заврши надојдената вода – во домовите на жителите на овие села. Не ли му е чудно што оваа телевизија има повеќе вработени од големите национални телевизии кои постојат веќе деценија или две?
4. Исто така, дали му е пријатно да биде злоупотребен на ваков начин, како што е тоа сторено во овој прилог (времетраење – 3:16), каде што имаме јасен пример на про-владин спин, односно претворање на поканите и гостувањата на претставници на Левица на оваа телевизија во пропагандно оружје за потребите и на телевизијата и на власта? И каде што поканите до Левица се искористени ем телевизијата да се испере за прекршувањата на Изборниот законик, ем да се нападне ад-хок телото за мониторирање на медиумите во предизборниот период кое е единствена, несовршена, каква-таква, брана против пропагандата од сите страни, но, пред сè, од страната на власта.
5. Да не говорам за фактот што претставниците на Левица на овие дебати се ставени во ситуација да полемизираат со вториот или третиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ и со ГДОМ-ците, но никогаш со некој кој е член на највисокото тело на партијата – Извршниот комитет (ИК), а особено не со членови на ИК, чии прислушувани разговори беа објавени од страна на СДСМ, иако и Јанкуловска и Јанакиески и Ставрески и Мијалков се сè уште членови на ова тело и преку него владеат со земјата, додека актуелната Влада е само трансмисија на ИК. Од друга страна, пак, Левица на овие дебати ги испраќа своите највисоки функционери. И, за сета ситуација да биде уште поапсурдна, станува збор и за нивните кандидати за пратеници, кои никогаш не дебатираат со своите противкандидати од ВМРО-ДПМНЕ, зашто во тоа време тие или се на средби со граѓаните во нивните изборни единици, или се на пат за на митинг или токму на митинг.
Покрај овие 3 прашања имам и уште 2 забелешки:
а). Пропагандата на власта е подла и нема правила. Спомнатиот прилог јасно говори за тоа. Многу лесно може да се случи во клучните дебати идната недела, таман пред изборите, претставниците на Левица да бидат наместени и злоупотребени на разни начини: евентуално претставник на Левица да треба сам да полемизира со неколку провладини претставници, да биде ставен во вкрстен оган и да не му биде дадено време да одговори на обвинувањата, да биде нападнат на личен план со измислици и клевети и да нема време и начин да се одбрани со демант, кој би бил објавен по изборите со оправдување дека е предизборен молк, на пример, да почнат да се вадат полувистини и измислици за нивната соработка со странски невладини организации и да бидат наклеветени дека шверцуваат мигранти незаконски преку граница, што и веќе се случи во излагањата на претседателот Иванов и во пишувањата на провладините медиуми и што лесно може да биде реактивирано, и уште којзнае како се не со оглед на тоа што фантазијата е единствено ограничување кое и стои на патот на пропагандата на владејачката партија.
б). Дури и да не случи вакво нешто, евентуален успех на изборите на Левица, после добиената поддршка на ТВ Нова, ќе биде извалкан и нема да биде чист. Овие гостувања и стекнатата видливост преку нив многу лесно ќе можат да се искористат против партијата таа да биде обвинета дека е употребена како стап во тркалата на опозицијата на нејзиниот пат кон победа или барем подобар резултат од постигнатиот, како и дека нејзиниот успех се заснова на поддршката што ја добиле од власта преку овозможените настапи на ТВ Нова. Ова може да стане и дополнително јаболко на раздорот во редовите на сите оние кои сакаат смена на власта.
*Се извинувам ако употребата на „г-дин“ е навредлива за Димитар Апасиев. Јас така им се обраќам на луѓето. Едноставно, не можам да го употребувам зборот „другар“ за некого кого не го познавам, а и ме потсетува на едни поранешни недемократски времиња на кои не сакам премногу често да се потсетувам.

Јас сум против избори на 11 декември 2016

RedefiningSavings dpo free

 

За оваа работа сакам да сум јасен: едноставно, ептен ризично е. Какви и да се резултатите од истражувањата на опозициските полстери, јас мислам дека е прерано и премногу ризично.

1. Прерано зашто рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ нема каде да оди освен надолу, така што, што повеќе се чека, ВМРО-ДПМНЕ ќе има се полош рејтинг.

2. Премногу ризично зашто ВМРО-ДПМНЕ сега има свежи 450 милиони евра, кои после 12 или 18 месеци нема да ги има или ќе ги има во далеку помал износ, кој ќе му биде многу тешко повторно да го обнови, како и зашто евентуален пораз на опозицијата ќе има катастрофални последици.

Обновениот легитимитет ВМРО-ДПМНЕ ќе го протолкува како “get out of jail free card”, односно како судот да донел ослободителна пресуда за сите нивни злодела и ќе биде искористен власта да се пушти во погроми и прогони врз кого стигне:
– обвинителите во СЈО (апсења, судења, казни),
– учесници во Шарената револуција (прекршочни казни),
– НВО-а (замрзнување/оданочување/забрана/редуцирање на грантови/законски ограничувања),
– Опозициска и критичка јавност (апсења по исклучок заради постигнување chilling effect/местења/закани) и тн.

Конечно, ова е и целта на постојаното пекање по избори. Да не мислеа да го уништат СЈО и критичката јавност, немаше толку да пекаат по избори.

Влоговите се премногу високи. Во игра не е само слободата и добробитта на поединци, туку човековите права на сите граѓани и иднината на демократијата во Македонија во следните 10-15 години. Затоа, изборниот потег треба да се одигра во вистински момент и со најдобра можна комбинација на картите во рака.

11 декември 2016 година не е тој момент!

 

PS. Ич не ми е гајле што ВМРО-ДПМНЕ како навиено ќе вика дека опозицијата се плаши од избори. Тоа ќе го велат како папагали било каков став да има и што и да каже опозцијата за изборите.

 

Чудо „Макпетролово“

mojamojamojamknokje

„Макпетрол“ преклани имаше загуби од 2,02 милиони евра. Лани, пак, за цела година, имаше „колку да се каже“ добивка од „дури“ 34 илјади евра и тоа откако во првите 6 месеци работеше со загуби од дури 4,9 милиони евра.

И види, годинава, ни две, ни три, оп, профит од 1,55 милиони евра само за 6 месеци.

И тоа ова се случува во ситуација кога оперативните приходи на компанијата бележат пад од дури 17% до сумата од 121,5 милиони евра (ова е заради падот на цените на нафтата на глобално ниво).

Арно, ама, види чудо, оперативните трошоци на компанијата, пак, бележат уште поголем пад и тоа од 20% до нивото од 119,5 милиони евра.

Комплетно нејасно и целосна мистерија останува што би можело да биде тоа чудо, таа магија, тој хокус-покус, кои „Макпетрол“ ги направил во овие 6 месеци, а кои толку многу, дури за една петина, ги намалиле трошоците на работењето, А КОИ НЕ МОЖЕЛ ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ ПРЕД 2, 3 ИЛИ 4 ГОДИНИ, на пример, за да избегне и да се поштеди себеси од загуби во целиот тој период.

Оваа разлика меѓу оператините приходи и трошоци од 2 милиони евра е најзаслужна за 6-месечниот профит од 1,55 милиони евра.

Закани им се со непријателско преземање и, оп, веднаш прават профити!

Пропадна законот за владини рекламни кампањи? Супер!

good-news-newspaper-headline-25776802

Oд целиов овој калабалак со бајаги медиумските реформи, мала, утешна и привремена победа е повлекувањето на законот за владини рекламни кампањи.

Немам никакви илузии дека власта ќе изнајде начини да им дотура пари на своите медиуми, но барем ќе и биде потешко и дел од тие пари ќе бидат од нивните лични џебови.

Арно ама, уште поважно е што законот пропадна зашто тој предвидуваше страшни работи, работи кои ќе ги зачукаа последните клинци на ковчегот во којшто ќе беше закопано слободното новинарство, при што најстрашен момент беше оној со кој се предвидуваше власта безмалку суверено да може да ги одредува цените на рекламите во сите медиуми.

Замислете колкава моќ претставува да можете да ги одредувате цените на производите или услугите во цела една стопанска гранка. Ќе станете најмоќен во таа индустрија за само 6 месеци.

Во конкретниов случај, пак, со оглед на тоа што не стануваше збор за било која гранка, туку за медиумите, кои имаат влијание врз целиот општествен, а и врз приватни животи, тоа ќе значеше неприкосновено влијание врз умот и свеста на целата популација.

Се ежам при самата помисла…