Не сум знаел: Судот да ти бил безгрешен – исто како Господ!

my court is you court is my court

Судијата Иван Џолев смета дека судовите се над законот и дека тие не можат да бидат генератор на дискриминација („Судот утврдува дискриминација кон некого, а не генерира“). Небаре судовите се безгрешни (како Господ). И дека Комисијата за заштита од дискриминација нема надлежност врз судот, дури и ако тој дискриминира.

Тоа да ти било „мешање во судската власт“, па дури и додава дека Собранието не можело „да утврдува дискриминација од судија“. Ма немој. Тоа што Комисијата ќе одлучува и донесе одлука (каква и да е) нема врска со судењата, судските одлуки, итн., туку таа се однесува само на тоа дали имало или немало дискриминација. И оној кој евентуално ја извршил, ако така се утврди, ќе си ги сноси последиците според казнените одредби на Законот за заштита од дискриминација. А, после, судот нека суди и донесува одлуки во судските процеси како што мисли дека треба.

Џолев вели дека во ваков случај требало да се напише претставка до Судот по која Судот сам ќе си одлучел. Абе чекај малце! Како да се напишела претставка, па нели судот не генерира дискриминација? Ако велиш дека треба да се напише претставка, тоа значи дека Судот, сепак, може да генерира дискриминација. Настрана што ова е глупост. Како прво, ова личи како варијација на изреката „Кадија те тужи, кадија те суди“ изменета во „Кадија си се брани, кадија си се суди.“ А, како второ, Судот не може да одлучува за нешто за што има посебен орган со закон создаден токму за таа намена, за такви конкретни жалби и одлуки. Џолев треба да го прочита Законот и тоа особено, глава 4, член 16, каде што јасно се вели дека „овој закон се применува на постапувањето на сите државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, органите со јавни овластувања и постапувањето на сите правни и физички лица во областа на:“ и точка 4 вели „правосудството и управата.

Судијата Иван Џолев може да мисли што сака, арно ама ни Судот, како и никој друг, не е над законите. А, не е дека во судството нема тренд на самоприпишување на божествени и безгрешни карактеристики. Така, на пример судиите им припишуваат божествени карактеристики на безгрешност на своите колеги обвинители. Во периодот од 2012 до 2016 година, сите обвинителски барања за притвор (над 2.000) се одобрени, при што само 3 се преиначени во домашен притвор (што е повторно – притвор). Значи, повторно, како обвинителите да се безгрешни. Мислам дека со оваа политика на самонаметната безгрешност треба да се престане. И тоа веднаш!

Напомена: Ова е принципиелно мислење. Инаку, конкретниов, актуелен случај е сосема друга работа. Станува збор за состав и претседател на Комисијата, Александар Даштевски (кого многу добро го знаеме), кои имаат донесено одлука во корист на нивната партиска пријателка, Гордана Јанкуловска, која беше министер и висок партиски функционер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, ја именуваше целата комисија. И јасно е дека ова е услуга од типот „танте за кукурику“ да и се помогне на Јанкуловска во текот на нејзиниот судски процес на секој можен начин. И најверојатно во конкретниов случај и нема никаква дискрмининација, туку станува збор за исполитизирана одлука во манир на поранешниот режим на Никола Груевски, чии рецидиви, кои се уште имаат некаква моќ, ја практикуваат на коруптивен начин, онака како што многу добро знаат и како што се извежбани цели 11 години. И како што тоа го правеше оваа Комисија, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, со редица контроверзни и неаргументирани одлуки. Арно ама, тоа не значи дека Судот може себеси да си се постави над законите во сите случаи, за него да не важат демократските контролни механизми, тој да не биде еднаков пред законите и да си припишува себеси божествени карактеристики на безгрешност.

Tagged ,

Напишете коментар